Connect with us

Кошарка

Купот ќе се игра во Гевгелија

Завршниот турнир од Купот на Македонија по три години пауза повторно ќе се одржи во Гевгелија, во периодот од 15 до 17 февруари. По неуспешната лицитација за доделување на организацијата истата остана под капата на МКФ, а челниците на куќата на кошарката постигнаа договор за градот-домаќин од последниот квалификациски натпревар против Косово да го организира и завршниот турнир од Купот на Македонија.

Овој турнир ќе мине во заедничка организација на двата клуба од Гевгелија, Блокотехна и Кожув, кои меѓусебно ќе ги договорат деталите околу местото на одигрување на средбите во женска и во машка конкуренција.

Воедно, однапред познати се и четвртфиналните двојки, па така бранителот на трофејот МЗТ Скопје за противник ќе го има Кожув, вториот ко-домаќин Блокотехна ќе се сретне со АВ Охрид, актуелниот шампион Работнички ќе ги одмери силите со Куманово, а Гостивар и Фени индустри во меѓусебна борба ќе решаваат за патникот во полуфиналето.