Кошарка
Леброн, Кари и Дурант во длабока сенка на Ембид, Адетокумбо, Домчиќ…
Од почетокот на новата сезона во НБА лигата странските кошаркари, односно оние кои не се од Америка, бележат одлични партии и воедно се предводници во своите тимови. Статистички, меѓу кандидатите за освојување на МВП наградата (најдобар кошаркар во сезоната) од странците најголеми шанса има Џоел Ембид, но гледајќи од повеќе агли кон оваа престижна награда со своите игри можат да се приклучат уште неколкумина играчи меѓу кои и Адетокумбо, Симонс, Вучевич, Галинари, Дончиќ, Јокиќ, Миротиќ…
Џоел Ембид (Камерун)

Многумина кошаркари можат да се пофалат со својот прецизен шут од зад линијата за три поени, а меѓу нив е и Ембид. Камерунецот важи за еден од главните кандидати кога во прашање е МВП наградата, а тоа е пред се поради одличните партии во дресот на Филаделфија каде бележи во просек по 26 поени и 13 скокови. Поради тоа „сиксерси” се наоѓаат при самиот врв во Источната конференција, па многумина сметаат дека токму овој тим ќе се пласира во големото НБА финале.
Јанис Адетокумбо (Грција)

Уште еден од кандидатите за МВП наградата е Адетокумбо. Тој има спектакуларни бројки сезонава од 27 поени, 13 скокови и шест асистенции по натпревар, а благодарејќи на оваа импресивна статистика Милвоки е сериозен претендент за конференциско финале.
Покрај тоа, Адетокумбо полека му се придружува и на елитното друштво од НБА кошаркари какви што се Леброн Џејмс, Кевин Дурант, Стеф Кари и Кари Ирвинг кога во прашање се статистичките категории.
Никола Јокиќ (Србија)

Јокиќ исто така е еден од оние кошаркари во НБА лигата кои можат да се пофалат со импресивна статистика од почетокот на сезоната. Тој продолжи во ист ритам и годинава, бележејќи во просек по 17 поени и десет скокови по натпревар.
Покрај тоа, „нагетси” ова лето го донесоа и Ајзеа Томас на позицијата организатор на играта, а тоа му дава простор на Јокиќ за кош повеќе на секој нареден дуел.
Лука Дончиќ (Словенија)

Одличниот словенечки кошаркар ја игра својата прва сезона во НБА лигата и веќе има значајна улога во екипата на Далас. Еден од најслабите тимови во лигата, барем на хартија, е за далеку подобар од тоа што се очекуваше пред почетокот на сезоната, а тоа е пред се се должи на одличните партии на Дончиќ, кој во просек бележи по 18 поени, седум скокови и пет асистенции по натпревар. Тој на неколку натпревари покажа дека во иднина ќе биде замената за легендарниот Дирк Новицки во редовите на „маверикс”, но исто така потребно му е време за да го достигне Германецот кој важи за еден од најдобрите кошаркари во историјата на НБА лигата.
Данило Галинари (Италија)

По малку заборавениот Италијанец се препороди оваа сезона во која потсети на своите најдобри години во дресот на Денвер. Благодарејќи на Галинари, ЛА Клиперс не е еден од најлошите тимови во лигата како што се најавуваше пред почетокот на сезоната, пред се поради заминувањето на Грифин и Пол Џорџ.
Предводени од Галинари, Клиперси моментно се наоѓаат во плејоф-зоната во Западната конференција. Доколку не се повреди, што не беше случај минатите неколку години, тимот од Лос Анџелес може да се надева на висок пласман. Тој сезонава бележи по 19 поени, шест скокови и две асистенции по натпревар.
Руди Гобер (Франција)

Екипата на Јута беше најпријатно изненадување минатата сезона, после експлозијата на Донован Мичел, но друг кошаркар е темел во играта на тимот од Сол Лејк Сити. „Џезерите” не блескаат на стартот од оваа сезона, но местото за борба во плејоф константно го одржуваат поради добрата форма во која се наоѓа Руди Гобер. Французинот без сомнение е еден од најдобрите дефанзивци во лигата и кандидат за поединечно признание, но за Јута е најважно што игра се подобро и подобро. Благодарејќи на неговата дабл-дабл форма од 15 поени и 13 скокови, Јута може да се надева за плејоф во Западната конференција.
Никола Вучевиќ (Црна Гора)

Пред само една година, Никола Вучевиќ беше отпишан од Орландо, па тимот бараше начин како да се ослободи од него, а тоа, ќе беше огромна грешка за „магичните”. Вучевиќ по осцилациите изминатите сезони и повредите кои ги имаше, годинава ја врати својата препознатлива форма од пред три сезони кога беше еден од најдобрите центри во лигата. Доколку Вучевиќ ја задржи формата каде во просек бележи по 21 поени и 11 скокови, Орландо може да се надева за место меѓу осумте најдобри екипи на Истокот.
Бен Симонс (Австралија)

По одличната руки сезона, Бен Симонс се уште ја бара својата вистинска форма на стартот од сезоната, па поради тоа, не е еден од носителите во тимот на Филаделфија. Одличниот Австралиец е близу до дабл-дабл просек, (15 поени, девет скокови и осум асистенции), но доколку „експлодира” во наредните неколку месеци, лесно може да дојде и до трипл-дабл.
Со доаѓањето на Џими Батлер, Филаделфија доби нова опција во нападот, што значеше дополнително оптоварување за одбраната на противниците, а со самото тоа и повеќе простор за Симонс.
Никола Миротиќ (Шпанија)

Чикаго буквално го исфрли од клубот поради што од екипата на Њу Орлеанс бескрајно им се благодарни. „Пеликаните” одлично играат на стартот од новата сезона, а благодарение на Миротиќ целосно го заборавија Дамаркус Казинс, еден од најдобрите центри во лигата кој премина во редовите на Голден стејт.
Миротиќ фантастично се вклопи во тандемот со Ентони Дејвис, кој заедно со него и подобро што го немаат популарниот „Буги”. Со своите блокади и поените кои ги бележи по натпревар (20 поени, 12 скокови), Шпанецот со црногорско потекло може уште од сега да добие максимален договор од страна на Њу Орлеанс.
Сезоната е долга, а секој тим го очекуваат уште 50-ина натпревари во најсилната кошаркарска лига, па потоа ќе видиме кој всушност е најдобар и колку ќе влијае на резултатите на своите тимови, но без сомнение анализата на овие кошаркари ќе биде идентична како и оваа што е во моментов.