Кошарка
Лејкерс го сака Ариза, Феникс тргна по Фулц
Еден од најтрофејните тимови во НБА лигата, екипата на Лос Анџелес Лејкерс, е сериозно заинтересиран околу ангажманот на ветеранот Тревор Ариза. Тој моментно настапува за тимот на Феникс, но не игра ниту приближно добро како што играше минатата сезона во редовите на Хјустон.
Сепак, на „езерџиите“ евидентно им е потребен добар шутер со искуство, а тренерот Лук Волтон и неговиот стручен штаб веруваат дека Ариза е вистински човек за таа работа.

Како што пренесуваат американските медиуми, Лејкерс и Феникс во трејдот би требале да вклучат и трет тим, додека Лејкерс сакаат да се откажат од услугите на Кентавијус Кадвел – Поуп, на кого договорот му истекува на крајот од сезоната.
Како што се шпекулира, тој трет тим би можел да биде Филаделфија, кој има големи проблеми со Маркел Фулц. Младиот плејмејкер има проблем со повреда, откако дојде во НБА лигата преку драфтот во 2017 година.
Во тој случај, Феникс би добил потребно засилување на позицијата „еден“, но би ризикувале со оглед на тоа што Фулц е на прагот да стане еден од најлошите први пикови во историјата на лигата, доколку нешто не се промени во неговата игра, а пред се психички.
Ако се оди според најавениот план, Фулц би заминал во Феникс, Ариза во Лејкерс, а Калдвел, Поуп во Филаделфија, која би добила и некои пикови од следната рунда на НБА драфтот, веројатно по еден од двете екипи.
НБА резултати: Детроит – Њу Орлеанс 108:116, Торонто – Милвоки 99:104, Сан Антонио – Јута 110:97, Њујорк – Шарлот 107:119.