Кошарка
Македонија од Перм ги почнува квалификациите за Евробаскетот во 2021
Градот Перм ќе биде во улога на домаќин на првиот квалификациски натпревар за пласман на Евробаскетот 2021 година, во која селекцијата на Русија ќе ја пречека македонската репрезентација. Вака гласи одлуката на раководството на Руската кошаркарска федерација за дуелот кој е закажан за 23 февруари, наредната 2020 година.
Во информацијата за медиумите од РФБ велат дека летоска Перм се покажал како одличен организатор на „Купот на мирот“, кој беше дел од подготовките на „зборнаја“ за Светскиот Куп, и каде беа совладани селекциите на Кина и на Финска.
Инаку 41. по ред Европско првенство во машка конкуренција ќе се одржи во периодот од 17. август до 3. септември, 2021 година во Прага (Чешка), Тбилиси (Грузија), Милано (Италија), Келн/Берлин (Германија).
Во квалификациите учествуваат 32. национални тимови кои треба да поминат три „прозорци“ на ФИБА. Освен февруарскиот, во 2020 година на распоредот е оној во ноември, додека квалификациите ќе бидат затворени во февруари, 2021 година.
Покрај македонската и руската селекцијата, во нашата група се уште и селекциите на Естонија и Италија.
Првопласираните три селекции во оваа, и останатите седум квалификациски групи ќе обезбедат пласман на Евробаскетот 2021.