Connect with us

Ракомет

Македонија станува ветена земја за египетските ракометари, доаѓаат тројца во РК Вардар?!

Македонија како да станува ветена земја за египетските ракометари. По СП во ракомет, чиј домаќин беше токму Египет, репрезентативецот на оваа земја, голманот Карим Хандави потпиша за Еурофарм Пелистер. Сега, како што објавија тамошните медиуми, а пренесува македонскиот портал „24ракомет“ на пат за Скопје се тројца египетски репрезентативци, од кои едниот е голман. Сите тројца на пат да го облечат дресот на Вардар.

Станува збор за голманот на египетскиот национален тим, Мохамед Ел Тајар, според тамошните медиуми, веќе потпишал договор на две сезони со „црвено-црниот“ тим, но тоа всушност ќе биде позајмица од неговиот актуелен клуб Ал Ахли.

Според египетските медиуми, покрај Ел Тајар, дресот на Вардар следната сезона треба да го облечат уште двајца репрезентативци на африканската земја, чиј селектор е некогашниот тренер на македонскиот тим, Роберто Парондо.

Станува збор за двајцата браќа, Јехија и Сеиф Ел Дера. Јехија Ел Дера игра на левата и средната бековска позиција, има 25 години и на 112 настапи за Египет постигна 97 погодоци.  Неговиот брат Сеиф Ел Дера има 22 години, а игра на средната бековска позиција. Тој е член на Замалек, а доаѓањето во Вардар би било прво искуство надвор од татковината.

Но за да се реализира трансферот на браќата Ел Дера има административна пречка. Воениот рок во Египет е задолжителен, па тие двајца треба да добијат дозвола од Министерството за Спорт и од Министерството за Одбрана дека може да го одложат одењето во војска.

 

Реклама

Facebook