Ракомет
Македонските ракометари пристигнаа во Германија, осми пат на Европско првенство, остануваат два дена до првиот меч!
Македонската ракометна репрезентација денес пристигнаа во Германија каде ќе го има своето осмо учество на Европско првенство.
Селекторот Кирил Лазаров претстојниот шампионат го гледа како добра можност неговите избраници да стекнат искуство потребно за понатамошен нивни развој.
– Во првото коло ќе играме со Франција, една од најдобрите репрезентации на светот, олимписки првак. Потоа се среќаваме со домаќинот на ЕП, исто така извонредно тежок ривал, а таква и Швајцарија, нашиот противник во последното коло во групата. Ние веруваме во добра игра. Ќе имаме тешка работа. Не се предаваме однапред. Моите избраници може многу да добијат од ваквите мечеви. Ќе се стекнат со големо искуство. Секој нема шанса да игра со Франција и Германија, изјави Лазаров.
Македонскиот национален тим својот прв настап ќе го има на 10 јануари во Дизелдорф со почеток во 18 часот.
Последните контролни натпревари со Грција беа одиграни, па селекторот Кирил Лазаро ја разреши и последната дилема околу списокот на патници за Германија, за настап во репрезентативниот дрес на ЕП 2024.
Македонската експедиција ќе брои осумнаесет ракометари: Никола Митревски (капитен), Мартин Томовски, Марко Кизиќ, Никола Маркоски, Жарко Пешевски, Милан Лазаревски, Едвин Омерагиќ, Ненад Костески, Никола Костески, Петар Атанасијевиќ, Филип Талески, Филип Кузмановски, Томислав Јагуриновски, Мартин Велковски, Давид Савревски, Иван Џонов, Марко Митев и Игор Ѓорѓиев.
Еврошампионатот избраниците на Лазаров го започнуваат на 10 јануари со Франција, а потоа следат Германија (14 јануари) и Швајцарија (16 јануари).