Connect with us

Ракомет

Манасков и Веспрем во голема ракометна драма ја загубија титулата

Ракометарите на Пик Сегед ја одбранија титулата во Унгарија, бидејќи во реваншот од плејофот на гостински терен го совладаа Веспрем со 30:29.

Веспрем втора година по ред остана без титлата во домашното првенство, но начинот на кој ја загуби оваа денеска е навистина болен и драматичен за Дејан Манасков и неговите соиграчи.

Како и во првиот Веспрем, како гостин славеше 29:28, вкупниот резултат на два меча беше 59:59, но Пик Сегед до титулата стигна благодарение на поголемиот број голови на гости. На тој начин, тимот од Сегед за прв пат во својата историја успеа да ја одбрани титулата.

Јунак на големата победа на гостите беше пивотот Миклош Роста, кој немаше да ја добие таа можност доколку претходно црвен картон не добиеше капитенот Бенче Баниди. Баниди беше исклучен со право на замена во финишот на првото полувреме, кога по голема финта го удри во лицето Петар Ненадиќ. Роста го постигна победничкиот гол во последната секунда и на тој начин му овозможи на Баниди на крајот да го подигне трофејот.

Веспрем беше во серија од три врзани победи над голем ривал, а во секоја од нив го менуваше резултатот. И сега Пик Сегед имаше предност во текот на целото второ полувреме. Имаше дури три гола вишок, но како и на претходните натпревари, Веспрем повторно се враќа. Пред се благодарение на цврстата одбрана. Во финишот на натпреварот Петар Ненадиќ постигна гол за 29:29, а кога Владимир Чупара го одбрани ударот на Мартинс на минута пред крајот, се чинеше дека се е во рацете на домаќините.

Веспрем имаше атак за титулата, но црвено-црните се рекомбинираа и не успеаја да упатат шут. На гостите им оставија 13 секунди, што беше доволно топката да стигне до Роста, кој практично на звук на сирена ја затресе мрежата.

Кај победникот Роста беше најефикасен со шест гола, колку што постигна Дејан Бомбац, а по четири постигнаа Богдан Радивојевиќ и Мартинс. Од друга страна, Кентан Мае беше најефикасен со седум, а Петар Ненадиќ и Расмус Лауге Шмит постигнаа по пет гола.

Пик Сегед стигна до вкупно петтата титула, додека на Веспрем му останува да игра на Фајнл-фор турнирот во Лигата на шампионите во Келн следниот викенд.