Фудбал
Меси го направи клучниот чекор за кам-бек во Барса
Шпанските медиуми немаат дилема дека е направен клучниот чекор до кој Лионел Меси ќе направи кам-бек во редовите на каталонскиот гигант Барселона. Таткото на аргентинскиот интернационалец, Жорге, пред неколку дена имал состанок со првиот човек на Барса, Жоан Лапорта и за време на истиот се диксутирало за можниот кам-бек на „Ноу Камп“.
Меси има договор со актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ, до крајот на актуелната сезона, но и покрај опцијата за продолжување на соработката за уште една сезона, офанзивниот играч за врска сериозно размислува за напуштање на „Паркот на принцовите“.
Истите медиуми додаваат дека и покрај одличните игри во актуелната сезона, на 34 натпревари постигна 19 погодоци и запиша 18 асистенции, а таквиот ефект му обезбеди најдобра просечна оценка во француската Лига 1 (8.25) и е пред Килијан Мбапе (7.69) , Меси ја нема потребната подршка од најверните фанови на ПСЖ.
На последните неколку натпревари Меси беше „награден“ со свирежи и погрдни коментари, кои се јасен сигнал дека повеќе не го сакаат во Париз. Сосема спротивна ситуација имаме во Барселона каде на секој домашен натпревар навивачите на каталонскиот гигант го скандираат неговото име и го молат за кам-бек на „Ноу Камп“.
Сепак за да му биде понуден прифатлив договор, Барса прво мора да продаде неколку фудбалери и на тој начин да ги реши големите финансиски проблеми.