Ракомет
Металург победи и го одигра најефикасното полувреме сезонава
Во последниот меч годинава на домашен терен ракометарите на Металург го победија српскиот првак Динамо од Панчево 32-25 (22-13), што е четврта победа во досегашните 11 кола во Регионалната лига. Младите металурзи во овој меч првпат годинава одиграа без стандардниот пад во играта, забележувајќи го најефикасното прво полувреме сезонава со 22 реализации. Левиот бек Халил Јагањац со 10 гола повторно беше главната ударна игла на Металург, а одлична парија на голот имаше младиот Мартин Томовски, кој забележа осум интервенции, од кои два седмерца. Металург сега има 12 бода и е на шестата позиција, пред Горење, кое има еден бод помалку, но и два неодиграни меча. До крајот на есенскиот дел Металург има уште еден натпревар, на гости кај Нексе в недела, а другите тимови ќе одиграат уште седум меча.