Поврзи се со нас

Ракомет

Металург поразен во Леон – прими 41 гол

Металург убедливо го загуби натпреварот од третото коло од групната фаза во Лига Европа. Подобри од нас вечерва беа ракометарите на Адемар Леон, кои не совладаа со резултат 41:32 (20:13).

Металург во овој натпревар влезе страшно хендикепиран. Пред само една седмица излеговме од двенеделен карантин и успеавме да одржиме само неколку тренинзи. Дополнително, ковид кризата и немањето авионска линија не натераа во Леон да допатуваме со автобус. Сето тоа силно се одрази на нашата игра. Нашите ракометари беа бавни и со “тешки“ нозе и беа целосно надтрчани од шпанските играчи кои се во одличен играчки ритам и зад себе имаат доста натпревари во силната Асобал лига.

Вечерва немавме толку проблеми во нападот, бидејќи средбата ја завршивме со 32 постигнати гола, што е сосема солидно постигнување. Таму каде што целосно киксиравме е сегментот на одбраната. Во текот на целиот натпревар не успеавме да поставиме ѕид пред противникот, кој премногу лесно го решеташе нашиот гол. Немавме одговор ни за противничката контра, преку која Адемар Леон дојде до многу лесни голови. Лошата одбрана не им даде шанса и на нашите голмани, кои средбата ја завршија со вкупно три одбрани, две на Дупјачанец и една на Ѓорѓески.

Средбата ја загубивме уште во почетокот, бидејќи Адемар Леон поведе со 3:0, а во 15. минута имаше и 11:6. При крајот на првиот дел губивме и со 9 голови разлика, 19:10, но ова полувреме заврши со наша негатива од 7 гола, 20:13.

Слично почна и вториот дел, со три неодговорени гола на Адемар Леон. Како што течеше времето разликата стануваше се поголема, па максималните -14 ги имавме во 52. минута, 38:24. Металург најдобро ги одигра последните 8 минути, кои ги добивме со 3:8, за конечни 41:32.

Металург по истиот пат ќе се врати во Скопје, каде се очекува да пристигне в петок, а веќе во следниот вторник ќе мора повторно на терен – не чека средбата од четвртото коло на Лига Европа, против Фиверс во Скопје.

loading...

Facebook