Фудбал
Милевски: Сакаме победа против Ерменија
Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски вели дека ја знае целта, а тоа е победа против Ерменија во квалификациските натпревари во септември за пласман на Светското првенство.
„Започнуваме нов репрезентативен предизвик и се радувам на собирот и деновите кои ни следат. Подготовките се кратки и мора да ги искористиме максимално. Ја знаеме нашата цел, знаеме со што располагаме и одиме да го потврдиме квалитетот.
Некои промени се неизбежни, но не стравувам. Напротив, јас стојам зад репрезентацијата и фудбалерите, имам мотив и енергија да работиме квалитетно, максимално професионално и да бидеме конкурентни.
Јас сум селектор и притисокот е врз мене. Фудбалерите мора да продолжат да веруваат во себе и во својот квалитет. Нашата заедничка цел е борба до крај во тековните квалификации, создавање група во која тимот, а не индивидуалци ќе биде најбитен и крајно да направиме сè за да бидеме конкурентни за настап на следното Европско првенство”, започна селекторот.