Connect with us

Фудбал

Милевски: Во денешниот фудбал нема фаворити, ќе мора да се вложиме максимално за успех

Анализите што ги правевме се од последните четири натпревари на Малта, но тоа не мора да значи дека така ќе биде на следниот дуел, затоа што имаат нов селектор, но играчите се тие. Станува збор за квалитетна репрезентација, со квалитетни индивидуални карактеристики на играчите. Имаме максимален респект кон противникот, но ќе нагласам дека сето она што ќе се случува на натпреварот во најголема мера зависи од нас самите. Кога ги гледам момците како изгледаат, повеќе од уверен сум дека ќе тргнеме успешно во овие квалификации. Но во денешниот фудбал фаворити не постојат, ќе мора да се вложиме максимално за успех, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), пред мечот вечерва со Малта (20.45 часот) во Скопје, со кој почнуваат квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во Германија, в година, пишува Нова Македонија.

Македонија и Малта досега играле шест пати меѓу себе, од тоа двапати во квалификации, тогаш за Европското првенство во 2000 година. За репрезентацијата на Македонија ова ќе биде 15-ти квалификациски циклус (осми за ЕП), а црвено-жолтите одиграа и три сезони на Лигата на нации, чија групна фаза од третата сезона се играше лани.

– Лигата на нации дојде по одлични мундијалски квалификации, во кои првпат бевме втори, по два извонредни баражи за СП, па имавме проблеми со составот. Реалноста е дека имаме 20-25 фудбалери што се конкурентни, но, за жал, не ги имавме сите играчи на располагање. Додадовме 12 дебитанти, на кои им треба време за аклиматизација на сѐ што се бара во националниот тим. И тие мечеви ги искористивме за да создадеме хемија помеѓу помладите и искусните, а од собир до собир изгледаме сѐ подобро како тим. Затоа, не гледам причина зошто да не напредуваме. Тоа е главната цел, а имаме и противници што се предизвик, ќе се потрудиме да одговориме на најдобар начин – рече Милевски.

Македонија во квалификациите за ЕП 2024 е во групата Ц, во која се и Украина и финалистите на ЕП играно во 2021 година, актуелниот првак Италија и Англија, кои вечерва играат меѓу себе во Неапол.

– Станува збор за една од потешките групи во овие квалификации. Сите ривали се исклучително квалитетни репрезентации, тука се фаворитите за европската титула Англија и Италија, исто така и Украина. Одиме чекор по чекор, имаме добар распоред и ако отвориме со Малта на добар начин, ќе добиеме ветер во грбот за следните натпревари. Ние сме селекција што, за жал, нема голема широчина на играчи, но драго ми е што сме сите тука и се надевам дека низ целата година ќе бидеме здрави. Тоа е и најважно. Доволно се знаеме и искусни сме во оваа репрезентација – вели капитенот Стефан Ристовски, пренесе ФФМ.

Во второто коло на групата Ц, во кое в недела ќе играат Англија – Украина и Малта – Италија, репрезентацијата на Македонија е слободна, но в понеделник (18 ч.) ќе одигра пријателски меч, со Фарските Острови, во Скопје.

Facebook