Connect with us

Кошарка

Милион денари в џеб ако ги победиме Косово и Романија

Македонските кошаркарски репрезентативци првпат во историјата се во можност да добијат премија не само за прво место во групата, туку и за доминантен настап во групата и завршување на натпреварувањето без ниту еден пораз.

На состанокот на Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) беше донесена одлука за премија во износ од еден милион денари ако избраниците на селекторот Јорданчо Давитков втората рунда од претквалификациите за Европското првенство што ќе се одржи во 2021 година ги завршат со максимален учинок од четири победи. За да поделат сума од околу 16.500 евра, на кошаркарите им се потребни уште две победи и тоа за две недели против Косово на домашен терен, а потоа и на гостувањето кај Романија во февруари следната година. Со ова, претседателот на МКФ, Петар Наумоски, сака дополнително да ги мотивира репрезентативците да дадат се од себе и воопшто да не калкулираат на претстојните два меча без разлика на исходот на меѓусебните дуели на ривалите од нашата група.

Одборниците предвидоа премија и за „обичен“ пласман во квалификациите за следниот континентален собир дури и ако претрпиме некој пораз, но со помала сума. Во случај кошаркарите успешно ја минат и оваа претквалификациска фаза, но без беспрекорен учинок, тогаш ќе поделат 250.000 денари помалку, односно околу 12.000 евра. Кошаркарите пред неколку месеци поделија премија од 15.000 евра за првото место во групата во првата претквалификациска фаза за пласман на ЕП 2021 година.

Како дополнително подобрување на условите за тие што прифатиле да играат за националниот тим, воведено е и исплата на дневници за време на подготовките и тоа во износ од 600 денари на ден.

Македонија следниот меч ќе го одигра на 2. декември против Косово во Гевгелија.