Connect with us

Ракомет

Мислев се шегуваат со мене кога ме прашаа дали сакам да бидам тренер на Вардар

Македонскиот ракометен шампион Вардар, утре (19 ч.) ќе има шанса за поправен против Барселона на гостински терен, откако минатата недела загуби од истиот противник во СЦ „Јане Сандански“. Вардарци во рамките на 8. коло од Лигата на шампионите и гостуваат на Барселона, а по самото пристигнување во каталонската престолнина во центарот на вниманието беше тренерот на „црвено-црните“, Роберто Гарсија Парондо.

Поранешниот шпански репрезентативец беше опседнат од медиумите, а даде и интервју за весникот „Спорт“ во кое откри како станал тренер на македонскиот шампион, а истакна и дека групата во која играат сезонава е една од најтешките во елитното натпреварување и дека пет-шест тимови можат да се најдат на завршниот турнир во Келн и тоа воопшто да не биде никакво изненадување.

  • Се се случи премногу брзо. Раул кажа дека ќе си замине по што луѓето од управата ме прашаа дали сум заинтересиран да го наследам. Тогаш бев дел од стручниот штаб на женскиот клуб и мислев дека се шегуваат. Потоа имав официјален состанок со сопственикот на клубот кој ми рече дека ако ја сакам работата, таа е моја. Ми кажа и дека верува во мене и дека можам да продолжам по стапките на Раул. Гонзалез не знаеше ништо, се се случи премногу брзо, а јас секако прифатив без многу размислување, откри Парондо.

Тој истакна и дека Вардар сезонава ја добил најтешката група во Лигата на шампионите.

  • Ова е без конкуренција најтешката група во историјата на Лигата на шампионите, бидејќи шест или седум тима можат да се најдат на Ф4 во Келн и тоа да не биде никакво изненадување, вели стратегот на „црвено-црните“ и додава:
    Барса одигра одлично, а ние го имавме најлошиот ден во нападот. Иако бевме добри во одбраната, нападот функционираше толку лошо што поразот беше неизбежен. Мислам дека ќе играме подобро во реваншот, но мораме да ги избегнеме наивните грешки кои им овозможуваат лесни голови на противниците, заврши Парондо.

Вардар моментно е на четвртото место во групата со 10 бода исто колку што имаат и второ и третопласираните екипи Рајн Некар Левен и Киелце, додека лидер е Барселона со 12 бода.

Свој настап на меѓународната сцена вечерва ќе имаат и ракометарите на Металург, кој му гостуваат на Бешикташ. Тимот од Автокоманда е на последното место во групата со два бода и скор од шест порази и една победа.