Connect with us

Кошарка

МКФ ја казни Лирија со 72.500 денари, а ФМП со 25 илјади денари


Комесарот за натпреварување во Македонската кошаркарска федерација Владо Цветковски, согласно пропозициите, изрече казни за немилиот настан што се случи на второлигашкиот натпревар меѓу екипите на „Лирија 77″ и Академија ФМП.

Мечот беше прекинат поради тепачка во третата четвртина меѓу играчот од домашниот тим Сејфула и гостинскиот играч Најдовски. Двајцата кошаркари се суспендирани во следните две кола од Втората лига, а клубот „Лирија” треба да плати 72.500 денари поради низа прекршувања, а ФМП Академија 25 илјади денари.

– Во текот на една сезона се играат повеќе од 2.000 натпревари за кои во изминатите четири години не сме имале ваков случај на посериозен инцидент за време на натпреварите. Жалиме што немил настан од ваков размер воопшто се случи, но воедно сме среќни што немаше посериозни повреди на лица кои беа присутни на натпреварот во каква била улога. Едно е сигурно, нема да толерираме никаков вид на насилство или неспортско навивање и ќе работиме за заштита на сите кошаркарски субјекти инволвирани во играта која сите ја сакаме за што подобро и поконкректно претставување на играта. Во кошарката нема место за провокатори, инциденти и за насилство, потенцира спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски.