Кошарка
Мојот Лејкерс ќе ги прегазеше денешните „воини“
Иако многумина сметаат дека денешниот тим на Голден стејт, во кој настапуваат ѕвезди од калибарот на Стеф Кари, Клеј Томпсон, Кевин Дурант…, е можеби најдобриот во историјата на НБА лигата, сепак идентично не мисли и поранешниот кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс, Шекил О‘Нил. Повеќекратниот шампион порача дека тимот на „езерџиите“ од славната генерација 2000/01, за која играше и тој, лесно би го совладала денешниот Голден стејт.]

Лејкерси таа сезона имаа 56 победи и 26 порази и беа НБА шампиони иако завршија втори во Западната конференција. Покрај Шекил во составот ги имаа Коби Брајан, Хорас Грент, Дерек Фишер, Рики Фокс, Рони Харпер, Роберт Ори, а нив од клупата ги предводеше Фил Џексон, еден од најдобрите тренери во историјата на овој спорт.
Во конференциското финале му дадоа метла (4-0 во победи) на Сан Антонио, додека во финалето ја совладаа екипата на Филаделфија со 4-1.
- Сметам дека лесно би ги победиле. Можеби некои мислат поинаку, но ние го имавме најдобриот тим кој некогаш се натпреварувал во НБА лигата, тимот од 2001 година. Забележавме 15 победи и само еден пораз во плејофот, што е навистина импресивно. Можевме да дојдеме до скор и од 15-0, но Ален Ајверсон не попречи во тоа, истакна О‘Нил.
Четирикраниот НБА шампион не сакаше да прави споредба кога во прашање се Мајкл Џордан и Леброн Џејмс, бидејќи станува збор за играчи од две различни ери кои имаат своја доминација.
Што се однесува до новите натпревари во најквалитетното клупско кошаркарско натпреварување, повторно одлична партија имаше младиот словенечки талент, Лука Дончиќ, со што потврди дека е најдобриот новајлија во НБА. Тој беше најзаслужен во победата на Далас над Аталанта со 114:107, постигнувајќи дабл – дабл од 24 коша, десет скокови и шест асистенции. Дончиќ по 13 пат сезонава бележи по најмалку 20 кошеви на натпревар, со што покажа дека е далеку пред сите кога во прашање се дебитантите во лигата.
Резултати: Шарлот – Детроит 108:107, Кливленд – Њујорк 113:106, Индијана – Милвоки 113:97, Филаделфија – Бруклин 124:127, Вашингтон – Бостон 125:130 (по прод.), Мемфис – Портланд 92:83, Њу Орлеанс – Оклахома 118:114, Далас – Атланта 114:107, Јута – Мајами 111:84, Сакраменто – Минесота 141:130, Голден стејт – Торонто 93:113.