Connect with us

Ракомет

Некогашната ракометна гордост Металург во тешка ситуација, Блажевска вели нема да дозволат клубот да згасне

Долгот на РК Металург изнесува 90.000 евра. Според Зорица Блажевска, претседателка на клубот, проблеми со поранешниот играч Александар Шпенде, нема но се оспорува одлуката на поранешниот тренер на Металург, Зоран Кастратовиќ, односно неговото барање (преку ЕХФ) да му се исплатат парите до крајот на договорот додека го водеше клубот. Според Блажевска тие пари се незаслужени, односно се оспоруваат останатите седум плати. Реалниот долг на РК Металург е 65.000 евра, а доколку се додадат и седумте плати на Кастратовиќ долгот достигнува до 90.000 евра. Поради долговите и финансиската состојба ЕХФ одлучи да го суспендира Металург од меѓународни мечеви. Вчера требаше да се одигра дуелот против Вардар, но беше одложен.

Поранешниот шампион Металург е суспендиран од Суперлигата и домашниот Куп.  Така ќе биде се додека не се исплатат долговите кон поранешни членови.

– Нема да се откажеме дури и доколку бидеме исфрлени од Суперлигата. Ако не успееме во нашата намера, најголеми губитници ќе бидат играчите. Ќе играме ако треба и во Првата лига, ќе продолжи клубот да функционира преку Металург РА. Многу други клубови стартувале од Прва лига, па сега имаат одлични екипи. Сите кои помислија дека дека ќе ни ги земат играчите, дека ќе ни ја земат салата, ќе морам да ги разочарам. Побаравме да се сретнеме со луѓето од Ракометната федерација на Македонија да најдеме заедничко решение на 15 дена до добивањето на ваучерот, се обративме и до Европската ракометна федерација. Од РФМ очекувам поддршка, во спротивно ќе бидам разочарана. Трите кола за исклучување од Суперлигата ќе побараме да се водат како одложени, а истите да се одиграат на крајот од месецот – рече претседателката на РК Металург, Зорица Блажевска.