Connect with us

Ракомет

Нова управа и тренер ќе добие РК Пелистер до крајот на неделава

По изборот на нов градоначалник на Општина Битола, до крајот на неделата се очекува на седница на Советот на Општина Битола да се најде и точката за судбината на Ракометниот клуб „Пелистер“.

На седницата треба да биде разрешена старата управа и да биде назначена нова, во примерот на останатите клубови во машката Супер лига.

Специјализираниот портал за ракомет, 24ракомет пишува дека РК Пелистер не само што ќе добие нов управен одбор, туку ќе добие и нов тренер. Според неофицијални информации на порталот, нов тренер на РК Пелистер ќе биде Борче Марковски.

Моментално РК Пелистер работи по „палка“ на Стефче Алушовски кој го замени Касим Каменица кој клубот го напушти во текот на сезоната.

Според извори на 24ракомет веќе било дефинирано кој треба да влезе во новата управа, и меѓу нив има повторно спортски работници, па дури и судии. Се работи и на евентуална фузија на двата клуба, Пелистер и Еурофарм Работник. Во саботата на прошталниот меч на Бранислав Ангеловски, се појави комбинирана екипа од играчи на Пелистер и Еурофарм Работник кои играа против „другарите на Ангеловски“. Тоа се протолкува и како почеток на затоплување на односите на двете екипи, чии меѓусебни односи и не се баш на некоe ниво во моментов.

Пелистер сега е прв на табелата по 5 одиграни натпревари. Битолчани имаа четири победи и само еден пораз. Неделава Пелистер дома треба да игра со Вардар јуниор, а потоа се игра градското дерби со Е.Работник на 11 или 12 ноември.

Ј.П