Ракомет
Парондо наследник на Раул на тренерското место во Вардар
Шпанецот Роберто Гарсија Парондо од следната сезона ќе биде нов тренер на Вардар, како наследник Раул Гонзалес.
Парондо доаѓа од женската екипа на Вардар каде е помошник тренер и во следните две сезони ќе го предводи машкиот европскиот првак од клупата.
– Многу сум среќен што добивам шанса да бидам дел од европскиот првак Вардар. Верувам дека довербата ќе може да ја оправдам преку резултатите. Да се биде дел од тим што зад себе има таква спортска традиција и постигнати одлични резултати се голем предизвик за мене. Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат за право да се надевам за успешна соработка, изјави идниот вардаров шеф на стручниот штаб за клупскиот сајт.
Парондо (38) е и актуелен помошник во машката сениорска репрезентација на Македонија и беше дел од стручниот штаб на последното ЕП во Хрватска. Претходно тој помагаше и во подготовката на машката младинска репрезентација на настапот на СП во Алжир каде стигнавме до Топ-8.
Во моментов заедно со Ирина Дибирова седат на клупата на женската екипа на Вардар и се единствен тим во лигата на шампионите што е без пораз сезонава во елитното европско натпреварување.