Connect with us

Фудбал

Платини најави враќање во фудбалот

Поранешниот шеф на УЕФА, Мишел Платини соопшти дека обвиненијата против него од страна на швајцарските власти поради наводно перење пари се повлечени.

Французинот најави и дека планира да се врати во фудбалот откако е утврдено дека нема докази против него за незаконски дела и нерегулирани исплати од страна на ФИФА.

– По (три) години истрага, стана јасно дека судот во Швајцарија само ја потврди вистината, велејќи официјално дека нема ништо нелегално во моите односи со ФИФА. Оваа информација од судските власти ја покажува мојата невиност. Овие три години беа болни и тешки. Три години ми беше одземено правото да работам. Ќе се вратам во фудбалот. Се уште не можам да кажам кога, каде и како, премногу е рано, изјави Платини.

Легендарниот поранешен француски репрезентативец беше казнет со одземање на правата за вршење на какови било фудбалски активности.

Санкцијата беше воведена поради исплатата на 2,02 милиони долари од ФИФА за Платини, за работа што Французинот ја завршил десетина години порано. Исплатата била извршена во 2011 година со дозвола на тогашниот претседател на светската фудбалска централа Сеп Блатер.