Connect with us

Ракомет

По завршување на договорт со Нант, ќе ја завршам и кариерата

Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров пред еден месец го продолжи договорот со францускиот Нант за уште две години, а во последното интервју дадено за специјализираниот портал за ракомет „Балкан хандбал“ откри дека неговата играчка кариера завршува по истекот на договорот со француски тим. Во истото интервју капитенот на репрезентацијата зборуваше и за својата долга и богата кариера, за успесите на клупска и репрезентативна сцена, за младите, за РФМ, како и за честиот проблем во селекцијата, а тоа е – клупскиот ангажман на селекторите.

– Во спортот никогаш не се знае, но мислам дека по крајот на мојот договор со Нант ќе ја завршам играчката кариера. Но, тоа не значи дека ќе се оддалечам од ракометната игра, откри Лазаров и додаде:

– Мислам дека Федерацијата конечно е во вистински раце. Живко Мукаетов направи добра база и тоа е добро за нашата репрезентација. Но, како и секогаш се уште го имаме истиот проблем со селекторите. Прво беше Шундовски, потоа Обрван, па сега и Раул. Сите покрај селекцијата имаа и клупски обврски. Сега, пред Светското првенство повторно го имаме истото прашање – дали нашиот селектор кој го сакаме го почитуваме и знаеме дека е еден од најдобрите тренери, ќе има време и што ќе му биде приоритет Македонија или ПСЖ? Овој проблем го влечеме со години, вели десниот бек на македноскиот национален тим.

Интересно е и тоа што паралаелно со интервјуто на Лазаров за „Балкан Хендбал“, најтиражниот весник во Франција, Л‘Екип, обелодени, односно ја пренесе изјавата на македонскиот репрезентативец дека токму Раул Гонзалез бил заинтересиран да го донесе во ПСЖ.

– Искрено, бев изненаден што добив толку многу понуди иако имам 38 години. Нема зошто да лажам за имињата, ПСЖ беше заинтересиран, разговаравме со овој клуб, но сепак на крајот решив дека најдобро ќе биде да останам во Нант – истакна Лазаров, за кого понуда испратил и унгарскиот гигант Веспрем.

Гонзалез со ПСЖ пред неколку денови славеше над Лазаров и Нант во рамките од францускиот лига-куп, а селекторот и капитенот ги очекува нов меѓусебен дуел денеска во француското првенство, за потоа да почнат со подготовки со репрезентацијата за СП 2019.