Connect with us

Фудбал

Почна Меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески

Во Општина Карпош почна десетиот Меморијален турнир во мал фудбал во чест на нашата музичка легенда Тоше Проески, а за првпат од оваа година турнирот доби и меѓународен карактер.

На турнирот, како што информираат од Општина Карпош, ќе се одиграат натпреварите меѓу екипите од Македонија, Хрватска, Грција и Албанија.

На отворањето на турнирот, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев говореше за значењето на оваа спортска манифестација.

-Тоше беше и сé уште е нашата најголема музичка ѕвезда. Уметник кој беше пример за сите генерации. Личност која сите го сакаа, а неговата хуманост и солидарност секогаш беа во преден план. Нашата обврска денеска е да го негуваме неговото дело. Преку ваков вид на спортски настани да се потсетиме на вредностите кои Тоше ги споделуваше, на фер плејот, спортскиот дух, позитивната енергија, рече Богоев.

На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Нова Градишка, Винко Гргиќ, како и претставници од оваа хрватска општина каде што Тоше трагично го загуби својот живот.

Сепак, овој турнир е добра потврда за унапредување на соработката меѓу Карпош и Нова Градишка. Токму ликот и делото на Тоше Проески и денеска придонесуваат да се прави мост на соработка меѓу различни култури и држави.

Натпреварите ќе се одиграат во текот на викендот и сите заинтересирани граѓани имаат можност да ги проследат.

Главен покровител на турнирот е Општина Карпош, а организатор е Здружението на стопанственици Власи „Мандра“.