Connect with us

Ракомет

Посакувавме барем една победа, добивме три катастрофи, убедлив пораз и од Аргентина, дали очекувавме премногу?!

Македонската ракометна репрезентација доживеа убедлив пораз и на третиот меч на Светското првенство. Овој пат, подобра од нашите ракометари беше селекцијата на Аргентина со 35:26. Со оваа победа Аргентинците се пласираат во следната рунда, а ние ќе разигруваме за пониските позиции.

По воведните 4-5 минути кога мечот беше израмнет, повторно како на мечевите со Норвешка и Холандија следуваше голем пад во играта на нашата селекција. Грешки во нападот, одбраната статична, а сето тоа Аргентина го искористи за 18:11 на полувреме. Куриозитет, со ваков резултат на полувремето завршија и мечевите против Норвешка и Холандија.

По оваа негатива и играта која ја прикажаа нашите момци беше јасно дека поразот тешко ќе се избегне, но очекувавме и се надевавме во вториот дел да се подобри играта со цел поразот да не биде толку убедлив. Сепак, слично како во првиот, така и во второто полувреме, избраниците на селекторот Кире Лазаров не одиграа ништо, па на крајот пораз од 35:26.

Најефикасен во нашиот табор беше Талески со 5 погодоци, па следуваат Кузмановски и Пешевски со по 4 погодоци. На спротивната страна капитенот Симоне со 8 погодоци ја предводеше селекцијата на Аргентина.