Connect with us

Фудбал

Претседателот на Србија: Ако фудбалерите излезат од карантин, ќе ги апсиме

Случајот со Лука Јовиќ, фудбалер на Реал Мадрид и репрезентацијата на Србија ја разбранува тамошната јавност. Имено, тој заминал од карантин во Мадрид, допатувал во Белград, а ниту таму не седел мирен, па се шетал низ улиците, барем според тврдењата на медиумите.

Властите се заканија дека ќе му поднесат кривична пријава за непочитување на донесените мерки за забрана на движење и враќање од високо ризични земји.

Во обраќањето до јавноста на редовните прес конференции, фудбалерите беа тема и на претседателот на Србија Александар Вучиќ.

-Не ги разбирам момците кои се милионери и кои мислат дека покажуваат дека можат да прават се. Не можете да правите се. Со почит, но на нас здравјето на постарите и сите луѓе се поважни од вашите милиони. Затоа ќе морате да го почитувате законот и ќе бидете строго казнети ако не го почувате, порача Вучиќ, кој притоа додаде:

-Поднесени се пријави, во моментов тие се во изолација. Еден е во својот стан, а друг во хотел. Ако се обидат да излезат ќе бидат уапсени во истиот момент, заврши Вучиќ.

Лука Јовиќ пред неколку дена пристигнал во Белград. Веднаш на социјалните мрежи објави фотографија со неговата девојка Софија, а медиумите објавија дека фудбалерот на Реал Мадрид допатувал во Белград поради нејзиниот роденден.