Ракомет
Признание за македонските судии кои го судеа финалето на Олимписките игри
Агенцијата за млади и спорт денеска додели плакати во знак на благодарност на ракометните судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски кои го судеа финалето на Олимписките игри во Токио.
Директорот Наумче Мојсоски изрази чест и задоволство што како домаќин ги претстави нашите великани и ги удостои со награда од АМС.
– Се надевам дека многу спортисти, многу професионални работници кои се во спортот ќе ги следат нивните чекори. Нашата држава во Токио ја претставија на најдостоинствен начин и го судеа финалето, со тоа, можам да кажам дека освоија златен медал и покажаа дека, можеби пристрасно ќе кажам, ракометот е спорт еден во нашата држава, изјави Мојсоски.
Тој посочи дека Николов и Начевски се претенденти за националното спортско признание за кое, како што информираше, Агенцијата работи на измена на законот во делот на таканаречената „спортска пензија“ со што би се овозможило и на судиите да имаат можност да ја добиваат истата.
На судиите Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, Олимпијадата во Токио им беше трета олимпијада по Лондон и Рио.
– Ракометот е спорт број еден а ние бевме едни од претставниците на тој тимски спорт. Се надевам дека некој ќе го повтори иако е многу тешко, изјави Ѓорѓи Начевски.
На олимпијадата во Токио македонската судиска двојка отсуди седум натпревари од кои, како што кажа Начевски, секој нареден бил сѐ потежок, па така, финалето, според него, било неминовно.
– За да дојдеш од Македонија треба да бидеш три пати подобар од останатите за да бидеш на исто рамниште, заклучи Начевски кој дополни дека ќе беше неблагодарно ако не го добиеја финалето.
Славе Николов изрази благодарност и потенцираше дека оваа укажана чест ќе биде поттик за следните генерации кои ќе се занимаваат со оваа функција а измената на законот во делот со спортската пензија ќе даде мотивација.