Кошарка
Првата лига останува со 12 екипи
Кошаркарската Прва лига и во следната сезона ќе брои 12 екипи, а ниту една нема директно да се пресели во понизок ранг на крајот од сегашното првенство, решија на состанокот членовите на Управниот одбор на МКФ. На оваа тема имало жестока дискусија и различни мислења, пред се во правец на намалување на бројот на прволигаши со цел да се направи конкуренција на квалитетот, но и покрај тоа преовладала тезата дека второлигашите заслужуваат да обезбедат сигурно место меѓу најдобрите, што не би било случајот ако дојде до промена на бројката. Намалувањето на Првата лига ќе се случи од сезоната 2020/2021, кога десет екипи ќе играат во најсилната конкуренција.
Според одлуката на УО на МКФ, последнопласираниот ќе игра бараж -двомеч со вториот од Втората лига. Новитетот е што тимот од Првата лига нема да може да ги користи странците, за работите да бидат изедначени со оглед што второлигашите според Законот за спорт немаат право да ангажираат интернационалци.