Connect with us

Фудбал

Реал Мадрид комплетира чудесна зделка вредна 300 милиони евра годишно

Реал синоќа го загуби и петтиот Ел Класико во последните шест дуели со Барселона, а покрај убавата сума што ја ставија во џеб само за настапот, мадридскиот клуб има причина за дополнително задоволство и покрај поразот во финалето.

Имено, Реал наскоро ќе финализира еден од најамбициозните финансиски договори во историјата на Кралскиот клуб, а тоа е обновувањето на главните спонзорски договори со Fly Emirates, Adidas и HP.

Информацијата ја откри Хосе Феликс Дијаз, директор на мадридскиот AS, кој истакнува дека најитниот чекор е обновата на договорот со Fly Emirates, главниот спонзор на првиот фудбалски и кошаркарски тим на Реал.

Тековниот договор истекува на 30 јуни, а познатата авио-компанија моментално плаќа меѓу 70 и 80 милиони евра по сезона за појавување на својот логотип на предната страна од дресот на Реал.

Со новиот договор таа бројка за првпат ќе надмине 100 милиони евра годишно, износ што ќе го постави Реал на самиот врв на спортското спонзорство.
И Adidas ќе го зголеми влогот, а Германците му плаќаат на Реал околу 120 милиони евра по сезона за носење на нивните дресови.

Третиот спонзорски столб на Реал е HP, кој има лого на ракавите од дресовите, а се очекува со новиот циклус договори и оваа компанија да го зголеми својот спонзорски влог.

Кога сè ќе се собере, Реал ќе достигне бројка од 300 милиони евра по сезона само од реклами на дресовите.