Connect with us

Ракомет

РФМ ја исплати премијата од 40.000 евра за пласманот на СП

Ракометната федерација на Македонија денеска ја исплати премијата од 40.000 евра на машката сениорска репрезентација за пласманот на Светското првенство, кое в година ќе се одржи во Данска и во Германија.

Македонија успешно ги помина бараж натпреварите со Романија. Македонските ракометари остварија убедлива победа од 32:24 на првиот натпревар во Скопје, но и покрај минималниот пораз во реваншот на гостувањето во Клуж со 26:25, македонската репрезентација обезбеди пласман на Светското првенство.

За македонските ракометари ова ќе биде шесто учество на светските првенства по настапите во Египет (1999), Хрватска (2009), Шпанија (2013), Катар (2015) и Франција (2017), а вкупно единаесетто учество на големите натпреварувања.

Светското првенство во Данска и Германија ќе се игра во периодот од десетти до 27 јануари 2019 година, а Македонија натпреварите од групната фаза ќе ги игра во Минхен, Германија, каде за противници ќе ги има репрезентациите на Шпанија, Хрватска, Исланд, Бахреин и Јапонија.