Connect with us

Ракомет

Рускиот селектор Кокшаров нов тренер на РК Вардар

Селекторот на ракометната репрезентација на Русија Едуард Кокшаров е нов тренер на РК Вардар, објави Ракометната федерација на Русија. Од македонскиот ракометен тим официјална потврда, барем засега нема.

– Одлуката ја донесе претседателот на клубот Сергеј Самсоненко по натпреварот во Лигата на шампионите против Кил. Јас разбирам дека ништо не може да се смени драматично за толку кратко време. Неопходно е да се зачува она што е, да не се скрши ништо и да се работи на нијанси. Моето назначување е неопходна мерка. Јас ќе го водам Вардар, сè додека клубот не ангажира нов тренер, односно во наредните неколку месеци, евентуално до крајот на сезоната, изјави Кокшаров, а пренесува интернет страницата на Руската ракометна федерација.

Вардар во следното коло од Лигата на шампионите ќе гостува во Унгарија кај Веспрем.

Кокшаров во Вардар е од 2016 година, но на позицијата спортски директор. Според информациите Писонеро ќе биде негов помошник. Кокшаров важи за човек од доверба на Сергеј Самсоненко.