Фудбал
Сакам идентични услови какви што имаат Гвардиола и Клоп

Иако пред само еден месец доби отказ од челниците на Манчестер Јунајтед, контроверзниот португалски стручњак, Жозе Мурињо, откри дека веќе одбил три примамливи понуди. Иако биле финансиски исплатливи, “специјалниот” ги одбил понудите со образложение дека не го задоволуваат сите негови критериуми.
- Би сакал да бидам дел од еден клуб во кој ќе ги имам истите услови кои моментално ги имаат Јирген Клоп и Пеп Гвардиола. Веќе одбив три понуди затоа што истите не се поклопуваа со моите визии, изјави Мурињо.
Трофејниот португалски стручњак додаде дека на “Олд Трафорд” ја немал потребната поддршка каква што имаат менаџерите на Ливерпул и Манчестер Сити.
- Гвардиола во првата сезона не беше шампион со Сити. Во втората сезона донесе неколку фантастични одлуки кои добија поддршка и од клупските челници. Истото лето продаде четири бека и купи четири централни дефанзивци. Колку имаше играчи во Ливерпул пред да биде ангажиран Јирген Клоп? Една работа е да бидете менаџер и да имате право да ги одберете играчите кои ќе ја следат вашата визија. Сосема друга работа е да не сте во таква позиција. Помина времето кога менаџерот беше семоќен. Во преговорите со заинтересираните клубови ќе инсистирам на структурата. За успех е потребна стабилна структура. Буџетот е многу важен, но не како и структурата, додава Мурињо.
“Специјалниот” ја отфрли и тезата дека форсирал дефанзивен стил на игра во времето кога бил предводник на Реал (М) и на Челзи.
- Знаете кога започна таа приказна за “паркирањето на автобусот”? Таа почна кога бев шампион со Реал (М), кога освоив 100 бода и кога мојот тим постигна 106 погодоци. Зборуваме за рекордите во шпанската Примера дивизион, изјави Мурињо.