Connect with us

Фудбал

Само небото е граница, Роналдо со нови рекорди

Иако викендов против Спал немаше свој ден, а и синоќа не реализираше неколку шанси пред да го постигне третиот гол за Јувентус против Баер Леверкузен (3:0), сепак Кристијано Роналдо продолжува да поставува рекорди.

Освен тоа што ја зголеми предноста пред Меси од 16 голови на вечната листа на стрелци во Лигата на шампионите (разликата со со Меси е 128-112), Роналдо влезе во историјата како фудбалер кој постигнал најмногу голови против клубови од една земја во ЛШ. Против германски тимови Португалецот постигнал 27 голови на 25 мечеви.

Воедно синоќа го сруши рекордот на Икер Касиљас по бројот на триумфи во ова натпреварување. Сега Роналдо има 102 победи.

Роналдо го израмни и рекордот на Раул и Меси, и заедно со нив двајца се единствените кои успеале да постигнат гол во 14 последователни сезони во Лигата на шампионите.

Интересно е и тоа што на синоќешниот меч Роналдо одбележа 16 години играње во Лигата на шампионите. Дебитираше на 1.октомври 2003, кога Манчестер Јунајтед доживеа пораз во Штутгард.