Кошарка
Се зависи од нас, дуелот против Косово ќе биде решавачки
Македонската кошаркарска репрезентација го одржа првиот собир во пресрет на третиот меч од втората претквалификациска фаза за Евробаскетот во 2021 година. „Црвено – жолтите“ во овој прозорец ќе ги одмерат силите против селекцијата на Косово, меч кој ќе се одигра во недела од 17:45 часот во Гевгелија.

На првата прозивка се појавија 13 од 15-те повикани кошаркари, додека Шејн Витингтон и Стојан Ѓуровски пристигнаа во Скопје еден ден подоцна, како и селекторот Јорданчо Давитков.
- Одиме чекор по чекор, а се зависи од нас и дуелот во недела против Косово. Работиме напорно за да го победиме Косово и да си одлучуваме сами за себе, а не да чекаме на други две репрезентации како во циклусот за СП 2019. Мечот ќе се игра во Гевгелија, кој прераснува во еден кошаркарски град и каде навивачите знаат да дадат поддршка. Кожув и Блокотехна имаат одлична публика, која ја препознава играта. Ќе биде плус за нас пред полна сала да се покажеме во добро светло и да дојдеме до позитивен исход, потенцираше Александар Јончевски.
И покрај најавите за промените во ростерот, кошаркарите велат дека нема да го потценат противникот.
- Нема да биде воопшто лесно да се совлада Косово. Можеби олеснителна околност ќе ни биде ако за нив не игра најавениот кошаркар од САД. Но, ние не треба да размислуваме толку за нив, туку за нас. Треба добро да се подготвиме и да атакуваме на посакуваната победа. Лично, играм во добра форма во странство, се надевам дека истото ќе го пренесам и во националниот тим. Сите сме сплотени, сакаме да дојдеме до победа, додаде Бојан Трајковски.