Connect with us

Ракомет

Серафимов, Кизиќ и Костески ја вратија Македонија од понор и ја одведоа во победа

Македонија денеска, во рамките на третото коло на ЕХФ-шампионатот во Грузија, се сретна со селекцијата на Фарските Острови. Во претходните две кола нашата селекција извојува две победи, додека нашиот противник забележа еден пораз, па Фарските Острови токму во денешниот натпревар гледаа шанса во последен момент да се сместат во возот кој води во полуфинале.

Средбата мина во огорчена борба во текот на сите 60 минути, а нашата репрезентација за првпат се најде во ситуација во поголем дел од натпреварот да ја брка предноста на противникот.

Од самиот почеток се виде дека противникот е решен на се, но и дека Македонија е под притисок на потребниот резултат. Фарските Острови во 13. минута поведоа со 7:3 и не ставија во тешка ситуација. Сепак, Македонија успеа да ја совлада кризата, заигра многу поконцентрирано и во 19. минута израмни на 9:9. Сега Фарските Острови се најдоа во длабока криза, која Македонија ја искористи и во 28. минута поведовме со убедливи 16:12. Последните три минути од првото полувреме беа нашите најлоши во досегашниот тек на првенството. Неверојатно, ама му дозволивме на противникот да се врати со серија од 4:0 и на одмор заминавме при резултат 16:16.

Второто полувреме беше тешко за гледање. Фарските Острови, помогнати од мешаната холандско-белгиска судијска двојка, која донесе неколку навистина сомнителни одлуки на наша штета, но помогнати и од лошата игра на македонските репрезентативци, кои направија низа технички грешки, промашија неколку зицери и упатија цела серија избрзани удари од неизградени позиции, имаше постојано водство од еден до два гола. Имаше противникот неколку напади за предност и од три гола, но сите тие беа спречени со одбраните на денеска одличниот Марко Кизиќ.

Во последните две минути видовме вистинска драма. Противникот имаше сигурна предност од два гола, 29:27, а време имаше се помалку. Токму во тие две минути се случи комплетниот пресврт, чиј автори станаа Мартин Серафимов, Марко Кизиќ и Ненад Костески. Најпрво својата задача ја заврши Мартин Серафимов, кој го постигна голот со кој го израмни резултатот. Потоа дојде редот на голманот Марко Кизиќ, кој одбрани седмерец на само 11 секунди до крајот. Егзекуцијата ја доврши Ненад Костески, кој успеа да погоди буквално со свирежот на сирената.

Тежок натпревар, со многу пресврти. Но, најважно е тоа што Македонија веќе денеска, на две кола до крајот, обезбеди место во полуфиналето, па утре ќе се сретнеме со Швајцарија за да го решиме победникот на групната фаза.

За наш најдобар играч на средбата повторно беше избран Ненад Костески.

Фарски Острови – Македонија  29:30 (16:16)

Македонија: Кизиќ, Василевски, Серафимов 9, Костески 6, Џигеровски 5, Кондев 5, Симоноски 3, Каковски 1, Карапалески 1, Анѓелковски, Божиновски, Ѓоргиев, Ќосевски, Митиќ, Тодески и Витанов.   Седмерци: 1/4.   Исклучувања: 8 минути.