Фудбал
Шевченко: Милан е во моето срце, но во моментов мислам само на Украина
Славниот напаѓач на „Росонерите“ Андриј Шевченко во телефонски разговор за угледниот италијански весник „Газета дело Спорт“ ја отфрли можноста да седне на клупата на Милан. Тој призна дека деновиве претстојува во Милано, но како што тој тврди, причината не е клубот, туку неколку млади фудбалери, репрезентативци на Украина кои играат во италијанското првенство.
-Милан е во моето срце, но во моментов мислам само на Украина, изјавил Шевченко, кој притоа додал дека се сретнал со Звонимир Бобан и Паоло Малдини, кои во моментов се дел од раководството на италијанскиот тим, но сепак тврди дека средбата била чисто пријателска.
Италијанските медиуми пишуваат дека Спалети, Клаудио Раниери и Џенаро Гатузо веќе ги одбиле понудите да го наследат Џампаоло. Останува уште опцијата Руди Гарсија, поранешен тренер на Рома и Марсеј.
Раководството на Милан бара нов тренер по лошите резултати сезонава. Во воведните шест кола „Росонерите“ забележаа само две победи. Џампаоло последната шанса ќе ја има викендов на гостувањето кај Џенова.