Connect with us

Кошарка

Штета, Македонија поразена од Естонија во преполното “Кале”

Македонската машка кошаркарска репрезентација загуби вечерва од Естонија во Скопје со 69-74 (20-19, 23-17, 10-21, 16-16) во рамки на 1. коло во групата Х во квалификациите за пласман на Европското првенство 2025.

Македонските кошаркари одиграа одлично прво полувреме по кое стекнаа предност од седум поени (43-36), но во продолжението тешко наоѓаа решение за естонската одбрана, а клучна за конечниот резултат се покажа третата четвртина во која избраниците на селекторот Александар Јончевски постигнаа само десет поени.

Естонците го отворија второто полувреме со серија од 9-0 за водство од 45-43, а откако македонските кошаркари поведоа со 53-51, противникот одговори со нова серија од 8-0.

Во моментите кога македонските кошаркари предводени од Ненад Димитријевиќ се обидуваа да се вратат резултатски во игра, најефикасниот во „црвено – жолтите“ редови се повреди и принудно го напушти паркетот во 33. минута, олеснувајќи му го патот на противникот да дојде до триумф во преполната сала во СРЦ „Кале“

Димитријевиќ, кој денеска ги прослави 26 роденден, беше најефикасен во македонските редови со 25 поени, а натурализираниот Американец Итан Хоп го заврши својот дебитантски настап во македонскиот дрес со 18 поени и десет скокови.

Квалификациите за пласман на ЕП 2025 избраниците на Јончевски ќе ги продолжат со дуел на 26 февруари на гостински терен против Полска, која вчера во воведниот натпревар од групата Х загуби убедливо од Литванија со 83-64.