Фудбал
Стадионот под Тумбе кафе ќе го носи името на Петар Милошевски
Советот на Општина Битола на денешената седница донесе одлука со која стадионот во Битола го доби името на легендата на битолскиот фудбал Петар Милошевски кој трагично и многу рано го загуби својот живот.
Иницијатори на идејата за промена на името на стадионот се членови на здружението на граѓани ФК Пелистер ветерани-профи, кои посочуваат дека со новиот лик, стадионот добива нова вредност, а спортската јавност ќе се оддолжи на легендарниот голман, битолчанецот Петар Милошевски (1973-2014) кој трагично го загуби својот живот во 2014 година, а смртта го затекна како спортски директор на македонската фудбалска репрезентација.
Богатата спортска кариера на Петар Милошевски почна во Битола во 1989 година како голман на ФК Пелистер се до 1997 година, а потоа настапуваше во ФК Вардар, во турските екипи Трабзонспор, Малатјаспор и Акчабат Себатспор, а кариерата како активен голман ја заврши на Кипар како член на Еносис Неон.
Овој предлог беше дел и од изборната програма на независната советничка листа „Поинаку“.