Connect with us

Ракомет

Стоилов ги подели Македонците, Албанците ликуваат

Репрезентативецот на Македонија и капитен на поранешниот европски клупски шампион, РК Вардар, Стојанче Стоилов, ги подели Македонците, а ги обедини Албанците. Ваквата констатација не е само на домашната спортска јавност, туку и на регионалната, која веќе неколку дена се занимава со потегот на Стоилов кој замина од манифестацијата „Спортист на годината” на Агенцијата за млади и спорт, откако слушна како добитниците на наградите од училишта од Тетово и Чаир ѝ се обраќаат на публиката на албански јазик.

– Скандал во Македонија! За време на свечената церемонија на која се избираше најдобриот македонски спортист за 2018 година, Стојанче Стоилов, капитен на ракометниот клуб Вардар и репрезентативец на Македонија, демонстративно ја напушти свеченост затоа што некои добитници се обратија до присутните на албански јазик. Претставникот на средното училиште од Тетово, добитник на една од наградите во категоријата за училиштен спорт, на присутните им се обрати на албански јазик. Веднаш потоа, најдобриот спортист на Македонија за 2017 година, ја напушти свечената церемонија. Македонските медиуми пренесуваат дека Стоилов во Вибер групата во која биле ракометните репрезентативци напишал: “Се чувствувам посрамено и понижено”, пишува познатиот хрватски портал “Индекс”.

Српскиот портал “Интермагазин” пишува дека потегот на Стоилов го “запалил” регионот. Во останатиот дел од текстот е пренесен ставот на директорот на кошаркарската федерација на Македонија, Владимир Темелковски, кој удри со дрва и камења по ракометарот на Вардар, притоа тврдејќи дека пред една година АМС ми ја подарила наградата за најдобар македонски спортист.

– Нема му е на чест наградата за спортист на годината која му ја подари Агенцијата за спорт и малди, за која гласаа Македонци, Албанци, Роми, Власи. Истата треба да ја чува со гордост на теренот, а со вакви ситни манипулации ќе собери поени и внимание само на кратки патеки, напиша Темелковски.

Сепак, неколку часа подоцна, Темелковски напиша нов статус на својот Фејсбук профил во кој потенцираше дека слабот му бил ракометот и Стоилов и дека искажаниот став во претходниот пост е лично негов, а не на Кошаркарската федерација на Македонија.

Кога се во прашања официјалните лица, најдалеку со навредите отиде посебниот советник за развој на мултикултурно општество на премиерот Зоран Заев, Рубин Земон, кој го прогласи еден од најдобрите македонски ракометари за ментално нестабилен.

– Секој си има право да си говори на својот јазик. Човекот ги поздрави луѓето на албански, а потоа го стори истото и на македонски. Тоа е негово право и никој не смее тоа да му го оспори, а најмалку Стојанче, а уште повеќе од тоа да се направи инцидент. Тој прво мораше да остане до крај како „спортист” на годината од лани и да му честита на годинешниот спортист. Но изгледа човекот е ментално нестабилен. Јас како поранешен ракометар го гледам и на терен, во одбрана е „дупка”, најслабата алка, а тоа е баш одлика на ментално лабилни, неодговорни и егоцентрични играчи, анализира Земон.

На социјалните мрежи пак се води војна кој да употреби што е можно понавредлив збор за ракометарот на РК Вардар. Освен стандардните коментари во кои се навредува семејството на Стоилов,  е споредуван со секаков вид на животни, има и коментари во кои се посакува смрт и тешка болест. За разлика од Македониците, кои се поделени, некои му даваат подршка, а некои го навредуваат, сите Албанци се сложни дека Стоилов заслужува се најлошо.