Други спортови
Тенисерите го изгласаа Федерер за ферплеј наградата
Роџер Федерер зад себе има неверојатна сезона што ќе ја заврши со настапот на завршниот мастерс во сезоната, каде што, според прогнозите, заедно со Рафаел Надал е најсериозниот кандидат за освојување на трофејот.
Поради тоа, АТП му додели на Швајцарецот три награди – 15. пат во исто толку години е избран за омилен тенисер, 13. пат, а седми пат во низа, ја доби наградата за ферплеј „Стефан Едберг“ за која гласаат тенисерите, а прв пат во кариерата ја доби наградата за камбек на годината.
По шестмесечната пауза, Федерер годината ја започна на 17. место на АТП-листата, а откако освои седум турнири, меѓу кои Австралија опен и Вимблдон, тој стигна до второто место на листата. Пред него е само Рафаел Надал, кој 2017 ќе ја заврши на челната позиција на АТП-листата.
Покрај Федерер, лауреати на АТП за 2017 година се браќата Брајан (најдобар дубл) и Денис Шаповалов (играч што најмногу напредувал).