Connect with us

Ракомет

Тој е Мистер туризам, а во ракометот влезе преку таткото на Ивано Балиќ

Статусот на професионален спортист на мажите им носи големи успеси кај жените, но со мирна душа може да се каже дека хрватскиот ракометен репрезентативец Јаков Вранковиќ би бил вистински срцекршач и да не се занимавал со ракомет.

Еден од најзаслужните за одличната игра на “коцкестите# на Светското првенство во Германија и Данска, во 2016 година ја освои титулата Мистер туризам, иако на натпреварувањето се пријавил само заради бесплатно сместување.

– Немав никакви обврски со клубот, ниту пак бев повикан на подготовките со репрезентацијата за настап на Олимписките игри во Рио де Жанеиро. Одлучив со пријателите да поминам малку време во Пореч. Сакавме малку да го погледаме тој избор, но испадна дека нема слободно место за сместување. Единствено што ми преостана беше да се пријавам на изборот и да добијам бесплатно сместување. Така и беше. Ни на крај памет не ми падна дека ќе победам, објасни 25-годишниот Сплиќанец.

Можеби ќе се закитеше и со светската титула, но не можеше да оди на тоа натпреварување заради ракометните обврски во клубот.

Освен што по завршување на ракометната кариера може да се занимава со манекенство, овој двометраш може да остане во спортот како кондиционен тренер или пак да заплови во политичките води. Тој има диплома за кондиционен тренер, освен тоа е и член на младината на сплитската политичка партија „ХСЛС”, но вели дека политиката не е во неговите планови.

Иако, Светското првенство во Германија му е прво големо натпреварување, доколку не се сметаат Медитеранските игри во Тарагона каде Хрватска го освои златниот медал. За репрезентацијата дебитираше на пријателскиот натпревар во 2017 година, а настапуваше и во квалификациите за светските и европските првенства.
Како тинејџер повеќе се занимавал со атлетика и фудбал, но се се сменило во 2004 година кога Хрватска се закити со олимпиското злато во Атина.

– Тогаш им реков на родителите дека сакам да играм ракомет. Мајка ми рекреативно играла ракомет и беше добар пријател со таткото на Ивано Балиќ. Тој во тоа време беше тренер и ме зеде да тренирам кај него и јас така останав во ракометот, откри Вранковиќ.

Последнава година игра во странство, прво за Динамо Букурешт од каде што направи трансфер во унгарскиот Татабања. Се уште нема искуство со голем клуб, но по настапот со репрезентацијата во Германија, на негова адреса сигурно ќе пристигнат богати понуди.