Фудбал
Тричковски: „Утрешниот натпревар ќе го играме како квалификациски, а не како пријателски натпревар“
Македонската А репрезентација ги финишира подготовките за триумфален крај на 2017 година во која имаме само еден пораз од Шпанија и низа од четири натпревари без пораз. Првата победа во меѓусебните дуели против Норвешка ќе ја бараме утре во 18:30 часот на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.
Репрезентативецот Иван Тричковски вели дека формата и позитивната атмосфера од тренинзите ќе се обидат да ја пренесат и на теренот против незгодниот противник.
Знаеме дека Норвешка е многу незгоден противник, силен во дуел играта и агресивни на секој дел од теренот. Оваа година одигравме навистина одлични натпревари, резултатите исто така се позитивни и се надевам дека победнички и ќе ја завршиме годината. Секој што ќе добие шанса од селекторот треба да го даде најдоброто од себе. Иако е пријателски, на утрешниот натпревар треба да пристапиме како да е квалификациски и одново да се радуваме на позитивен резултат, вели Иван Тричковски.