Connect with us

Ракомет

Вардар без Горбок но со Дисингер и Борозан отпатува за Загреб за првиот меч од 1/8-финалето од ЛШ

Македонскиот ракометен првак Вардар денеска отпатува за Хрватска за утрешната пресметка против Загреб, прва од осминафиналната фаза од Лигата на шампионите.

На утринскиот тренинг во „Јане Сандански“ тренерот Роберто Парондо одлучи со кои ракометари ќе истрча во Арена Загреб. Иако  Сергеј Горбок се чуствува опоравен од повредата, сепак одлуката на Парондо е овој играч да биде изоставен за првиот дуел, се со цел да се заштеди силата за реваншот во Скопје.  Добра вест е враќањето на Германецот Дисингер во составот и подготвеноста на Вуко Борозан.

Ривалството на оваа балканска мега пресметка поинтензивно датира од сезоната 2002/03, кога за прв пат одиграа еден официјален натпревар во ЕХФ Лигата на шампионите во Скопје, каде Загреб беше поуспешен со 28-25.

Отогаш па наваму статистика сведочи за 28 меѓусебни дуели на Вардар и  ППД Загреб, а традицијата е на страната на „црвено-црните“ со 15 победи, две нерешени и 11 порази. Во Лигата на шампионите се имаат сретнато осум пати, а на оваа сцена Вардар има три победи за разлика од Загреб со четири, а еден меч заврши без победник.

Утрешната осминафинална пресметка од 20.30 часот ќе биде деветто соочување на Вардар и Загреб во елитното европско натпреварување. Реваншот во „Јане Сандански“ се игра на 30 март. Победникот од овој двомеч во четвртфиналето ќе игра против подобриот од Висла Плоцк и Пик Сегед.

Извор: 1ТВ