Ракомет
Вардар против Еурофарм Пелистер ќе ја брани титулата во ракометниот Куп

Вардар се пласираше во финалето на Купот на Македонија по триумфот над Алкалоид. Ривал на Вардар во сабота ќе биде тимот на Еурофарм Пелистер.
Ракометарите на Вардар се пласираа во финалето на македонскиот Куп, откако вечерва во вториот полуфинален дуел на фајнлфорот во Охрид беа поуспешни од Алкалоид со 31-22 (14-9).
„Вардарци“ од самиот почеток на мечот презедоа контрола на натпреварот сакајќи со време да ја осигураат победата, па на полувремето дојдоа до предност од 14-9.
Најефикасен во победничкиот тим беше Манасков со 12 гола, а Георгиевски постигна шест погодоци, а Томовски беше одличен на голот со 17 одбрани кај „црвено-црните“. Мартин Серафимов кај Алкалоид запиша шест погодоци.
Во 30-то издание на ракометниот Куп на Македонија во финалето ќе играат Вардар и Еурофарм Пелистер. Вардар во своето 22-ро финале во Купот ќе го брка 16-от трофеј.
