Connect with us

Ракомет

Вардар против Кјелце! „Обложувалниците потценуваат, сакаме победа!“

Вардар денеска пред нов тежок испит, гостува во Полска. Ќе игра на гостински терен кај Кјелце. Вардар ќе се обиде да му се реваншира на лидерот во групата за поразот од минатата недела на домашен терен од 29-33.

Иако на домашен терен загубија, тренерот на „црвено-црните“, Стевче Алушовски, не сакаше да им ги одзема пред време шансите на своите ракометари, па истакна дека со подобра игра може да се надеваат на добар резултат во Полска.

„Го анализиравме првиот меч со Кјелце во Скопје, видовме каде беа нашите грешки, па ќе настојуваме да ги исправиме во реваншот. Простор сигурно дека има да напредуваме, посебно во одбрана и со голманите. Во Скопје примивме 33 гола, па нашите голмани можат многу повеќе од претходно. Се надевам дека ќе оствариме добар резултат“, порача Алушовски.

Неверојатно висок е коефициентот за победа на Вардар, но иако обложувалниците речиси и да не даваат шанса Црвено-црните да победат, тренерот Стевче Алушовски не го напушта оптимизмот.

„Тоа што ќе биде исто е дека и таму ќе се игра пред празни трибини. И пред натпреварот во Скопје анализиравме кои се нивните добри страни, а сега имавме уште 4 дена за да видиме каде грешевме во Скопје и што може да поправиме. Нормално дека постои простор за напредок, посебно во нашата игра во одбраната, каде што првпат примивме 33 гола. Се надевам и мислам дека ќе одиграме еден добар меч, каде што ќе покажеме дека Вардар не случајно има три бода досега во групната фаза и дека не случајно беше егал со Кјелце до 52-53 минута во Скопје. Очекувам неизвесен меч, дуел со многу борба. Не сме без шанси. Нашите голмани можат многу повеќе од тоа што го покажаа во Скопје, анализиравме каде грешевме и очекувам да одиграме добар натпревар сега против Кјелце“, вели Алушовски.

Марко Вујин, бекот на Вардар, пред мечот порача дека верува во победа на неговиот тим и се надева дека овој пат ќе имаат повеќе среќа.

„Кјелце е моќен противник. Во моментов домашниот терен не носи никаква предност затоа што нема навивачи. Знаеме каде грешевме на претходниот меч, се надеваме дека тоа ќе го поправиме и ќе победиме овој пат. Тие се одличен тим, но ние одиме на победа“, кажа Вујин.

Натпреварот започнува 20.45, директен пренос на МРТ.