Ракомет
Вечерва на македонските ракометарки им треба поддршка, сите во сала или пред малите ТВ екрани, Македонија е домаќин на Европско!
Македонија заедно со Словенија и Црна Гора е домаќин на Европското женско ракометно првенство, а тоа е шанса нашите ракометарки повторно да се најдат во центарот на вниманието.
Македонија е во група со Франција, Холандија и Романија, првите три селекции продолжуваат во следната фаза.
Прв противник на Македонија е селекцијата на Франција, вечерва од 18 часот, која е актуелен олимписки шампион и финалист на последното Европско и последното Светско првенство. Шансите на нашите девојки во судирот со Французинки се мали, но наше е да покажеме борба, пожртвуваност и желба за надигрување со големиот противник.
Вториот противник ни е Холандија со која играме во понеделник. Холанѓаниките исто така се големи фаворитки против нас, ние најголемата шанса за победа ќе ја имаме во среда кога играме против селекцијата на Романија. Романките на хартија се посилни од нас, но послаби од Франција и Холандија.