Ракомет
Вечерва стартува Мундијалот, спремни за Македонија?!
Со натпреварот меѓу ко-домаќинот Полска и Франција вечер во Катовице со почеток во 21 часот ќе стартува 28-от ракометен Мундијал.
Покрај Полска ко-домаќин на првенството кое ќе трае до 29 јануари ќе биде и Шведска.
Натпреварите ќе се играат во девет градови: (четири во Полска и пет во Шведска): Краков, Гдањск, Катовице, Плок, Стокхолм, Малме, Гетеборг, Јонкопинг и Кристијанштад.
На шампионатот учествуваат 32 репрезентации поделен во осум групи со по четири учесници. Првите тројца напредуваат во главната рунда.
Дел од Мундијалот ќе биде и македонската репрезентација која ќе игра во групата Ф заедно со Норвешка (15 јануари), Холандија (17 јануари) и Аргентина (19 јануари).
Пред патувањето во Полска, селекторот Кире Лазаров порача:
-Многу труд ентузијазам и борба вложивме за да дојдеме до ова СП, бидејќи во меѓувреме направивме смена на генерација и со обединети сили стигнавме до мундијалот. На момците треба да им се даде поддршка, ова беше напорна година за нив, бидејќи минавме два баражи против Романија и Чешка, се пласиравме на СП и дадовме шанса за оваа генерација да продолжи по стапките на нас повозрасните. За сето она што ссработено им се заблагодарувам на момците, кои заслужуваат пофалба за резултатите лани, но и да се даде охрабрување за предизвиците што се пред нив во Полска.