Connect with us

Фудбал

Велкоски: Секој меч е „игра на нож“, треба некој да загуби глава па да се освестиме

Тимот на Сараево, чиј капитен е македонскиот интернационалец Крсте Велкоски загуби во 1/8 финалето од Купот на БиХ со 3:2 на гостувањето кај Широки Бријег. Но, при резултат 2:2 во 76.минута натпреварот беше прекинат поради дивеењето на домашните навивачи, кои со пиротехнички средства и тврди предмети фрлаа на теренот, а беше погоден и еден гостински играч. По ова главниот судија одлучи да ги повлече играчите во соблекувалната. Прекинот траеше 22 минута, потоа продолжи, Широки Бријег постигна уште еден гол и дојде до победата.

По мечот видно револтиран беше Крсте Велкоски, македонски интернационалец и капитен во моментов на Сараево. Тој рече дека ваквите ситуации мора да бидат санкционирани што поскоро, додека не настрадал некој фудбалер.

-Турбулентен меч, не заслуживме пораз. Домаќинот имаше помош од судиите и ова беше катастрофален натпревар од нивна страна. Мислам дека еднаш засекогаш мора да се стави крај на ова. Секој меч кога гостуваме тука е „игра на нож“, а никаква одлука не е донесена. Ваквите ситуации мора да се казнуваат кога публиката фрла предмети на теренот и што треба да се случи некој да ја загуби главата и дури тогаш да бидеме свесни. Никој ништо не презема и ова е срамота. Момците одиграа навистина добар натпревар, создаваа шанси, но за жал загубивме, порача Велкоски за тамошните медиуми.