Connect with us

Фудбал

ВИДЕО: Аталанта го уништи Удинезе како гостин

Екипата на Аталанта која се бори за титулата во Италија оствари убедлива победа од 6-2 над Удинезе како гостин во натпревар од 21. коло на Серија А.

Колумбиецот Луис Муриел постигна два гола за „нероаѕурите“, кои пред одморот водеа со 3-0. Марио Пашалиќ го отвори резултатот во 17. минута, а Муриел удвои пет минути подоцна. На 3:0 зголеми Украинецот Руслан Малиновски во 43. минута.

Во 59. минута Удинезе ги врати надежите за пресврт по автоголот на Берат Џимсити, но повторно Муриел погоди за 4:1 во 76. минута.

Удинезе го постигна вториот гол на натпреварот во 88. минута преку Бето, но во контранапад Данецот Јоаким Меле погоди за 5:2. Конечните 6:2 ги формираше Матео Песина во продолжението од натпреварот.

Со победата Аталанта собра 41 бод од 20 натпревари и заостанува 8 бода зад лидерот Милан кој има натпревар повеќе. „Бергами“ заостануваат два бода зад третопласираниот Наполи, кој исто така има предност од мечот. Попладнево „наполитанците“ на домашен терен ја победија Сампдорија со 1-0.

Единствениот гол на натпреварот падна во 43. минута, а негов автор беше Андреа Петања.

Екипите на Удинезе и Сампдорија имаат по 20 бодови и ги заземаат 14. и 15. место.