ВИДЕО: Бурен финиш во Рим, поништен гол на Рома, Лацио промаши пенал за победа против Болоња

Попладнево во Серие А одиграни се четири натпревари во рамките од 7.коло. Рома на домашен терен одигра 1:1 против Каљари. Гостите поведоа од пенал со голот на Жоао Педро во 26.минута, а Рома израмни преку Чепетели пет минути подоцна кој ја затресе сопствената мрежа.

Се чини дека целосен пресврт донесе Никола Калиниќ во 90.минута, но неговиот гол беше поништен. Фудбалерите на Рома жестоко протестираа, но судијата не ја смени својата одлука. Причина за поништениот гол бил прекршок во напад, бидејќи судијата сметаше дека Калиниќ го турнал со рака неговиот чувар Писакано, кој потоа се судри со голманот.

Болоња – Лацио одиграа 2:2. Овации за Синиша Михајловиќ од фановите на двете екипи. Тренерот на Болоња во минатото настапуваше за Лацио, а навивачите му изразија поддршка во лекувањето од болеста.

Лацио во 88.минута не реализираше пенал преку Кореа, па пропушти да запише три бода.

Аталанта на домашен терен го совлада Лече со 3:1, а претходно од денешната програма Фиорентина со 1:0 го совлада Удинезе, за кој Несторовски одигра 60.минути, постигна гол но беше поништен поради прекршок во напад.

Вечерва на програмата е „Дербито на Италија„, Интер го пречекува Јувентус.