Connect with us

Тајмаут

ВИДЕО: Трогателна приказна за фудбалерот со една нога чиј гол е прогласен за најубав на светот

Добитникот на наградата Пушкаш, Марчин Олекси, ја сподели својата приказна која му го промени животот. Тој е првиот ампутиран во историјата на фудбалот кој ја добил наградата на ФИФА Пушкаш за најатрактивниот гол во 2022 година.

Полјакот се здобил со тешка повреда пред 13 години додека поправал дупка каде што работел. Олекси сега игра во една од пониските фудбалски лиги во родната Полска.

„Работев на улиците во Полска и мојот шеф ме испрати мене и моите колеги да поправиме дупка на улицата. Еден постар човек удри со автомобилот во нашиот валјак и возилото и валјакот ми поминаа преку нозете. Се онесвестив додека бев во брзата помош и се разбудив кога стигнавме во болница. Се сеќавам дека ми ставија маска, а јас погледнав надолу и си реков „ногата ми ја нема“. Кога по неколку часа повторно се разбудив, видов дека имам неколку завртки во другата нога“, вели Олекси.

„Поминав еден месец во болница. И нема да кажам дека немаше солзи, секако имаше.

Мојата сопруга беше бремена и затоа знаев дека не можам да се откажам и решив да се борам“, додава тој.

Олекси играше за Корона Кожов во полската 4-та лига на ампутирани лица кога го постигна победничкиот гол против Варта Познањ.

Со своите „ножички“ заслужено ја доби престижната награда, каде што беше номиниран и голот на Ричарлисон за Бразил на Светското првенство во Катар.

„Најважно е да продолжите да се борите – животот е убав, мислам дека кога имате ваква повреда или некој вид несовршеност, само треба да уживате во овој свет“, вели Олекс, фудбалерот со една нога кој го освои титула за најубав гол на светот.