Кошарка
Видов како е во НБА лигата, се враќам во Европа
Капитенот на српската кошаркарска репрезентација, Милош Теодосиќ, објави дека ќе го напушти тимот на Лос Анџелес Клиперс до крајот на сезоната и ќе се врати во Европа.

Теодосиќ има мала минутажа кај тренерот Док Риверс оваа сезона, па затоа размислува да се врати на Стариот континент во последната година од договорот.
- Дефинитивно нема да останам овде. Дојдов, видов како изгледа… Повеќе уживам да играм во Европа, па сигурно ќе се вратам. Дали оваа сезона или на крајот, ќе видиме, изјави Србинот за „Гласот на Америка”.
По завршувањето на сезоната 2016/2017 реши да се пресели преку Атлантикот, а пртетходно ги бранеше боите на ЦСКА Москва. Првата сезона во најсилната лига во светот тој ја одигра променливо, поради повредите пропушти 37 натпревари. На одиграните 45 натпревари, Теодосиќ во просек бележел по 9,5 поени, 4,6 асистенции и 2,8 скока.
- Искрено, не можам да се навикнам… но се обидувам. Сега сум целосно здрав, немам никакви проблеми со повредите. Ќе видиме што ќе се случува до крајот на сезоната, додаде Теодосиќ.
Како што истакна, следната година е многу важна, бидејќи на програмата е Светското првенство во Кина и истакна дека ќе му биде на располагање на селекторот Александар Ѓорѓевиќ.
- Верувам дека момците кои ќе му бидат достапни на селекторот ќе се изборат за пласман на Светското првенство, заклучи Србинот.